Со порталот за отворени податоци се создава динамичен екосистем на отворени податоци во којшто податоците се произведуваат, отвoраат, збогатуваат и повторно се користат од различни чинители од јавниот, приватниот, академскиот и граѓанскиот сектор. Тоа ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор, зголемување на учеството на граѓаните, како и поддржување на напорите за борба против корупцијата и придонес во создавањето на иновативна клима со нови економски можности за бизнис секторот. Ова ќе има и позитивно влијание на евро-интегративните процеси на Република Северна Македонија кои се однесуваат на транспарентноста и отчетноста на Владата, а особено целите дефинирани во директивата за користење на информациите од јавниот сектор и други мерки кои се во насока на отворање на информациите од јавниот сектор.

Порталот за отворени податоци ја олеснува дистрибуцијата на отворени податоци. Преку порталот за отворени податоци, на корисниците им се обезбедува единствена пристапна точка до отворените податочни сетови од сите институции, каде корисниците ќе можат да пребаруваат, превземаат и визуелизираат податочни сетови

Портал за отворени податоци преставува/овозможува:

-платформа за отворени податоци базирана на најдобри светски практики;

-отворање на податочните сетови во компјутерски читливи формати;

-децентрализирано управувањето со податоци од страна на институциите кои ги продуцираат податочните сетови во своето секојдневно работење;

-можност за автоматско прибирање („харвестирање“) на објавените податочни сетови од страна на други портали за отворени податоци;

-објавување на метаподатоци за податочните сетови;

-зголемување на вклученоста на корисниците за повторно користење на податоците

Секоја институција е одговорна за своите податоци објавени на порталот за отворени податоци, вклучувајќи ја усогласеноста со политиките за отворени податоци, отстранувањето на осетливи елементи од податоците пред објавувањето, конвертирање во отворени формати, обезбедување на метаподатоци од висок квалитет и редовна проверка и ажурирање на податоците откако се објават.

Координацијата на политиките за отворени податоци ја спроведува Министерството за информатичко општество и администрација. Неговата главна улога е да управува со централниот портал за отворени податоци, како и да ги координира институциите од јавниот сектор заради објавување на отворени податоци.