За Порталот

Во Република Северна Македонија Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го дефинира правото на граѓаните и правните лица за пристап до податоци и информации од јавен карактер, како и условите, начинот и постапката за остварување на истото. Сепак, податоците и информациите објавени во необработена форма која е разбирлива за компјутерите односно достапна за понатамошна обработка имаат голема додатна вредност. Концептот „Отворени податоци“ бара до податоците од јавен карактер да постои слободен и бесплатен пристап, без технички или законски ограничувања. Во јавниот сектор, да се има пристап до податоците од администрацијата е гарант за транспарентност, ефикасност, еднакви можности, соработка, но исто така создава и додатни вредности. Имено, транспарентност, бидејќи податоците кои доаѓаат директно од официјални извори може да се консултираат и се користат; ефикасност, бидејќи граѓаните и организациите може да креираат услуги на многу попрецизни начини во соработка со администрацијата; еднакви можности, бидејќи пристапот до нив е подеднаков за сите; соработка бидејќи јавни податоци од различни извори можат да бидат користени од различни и повеќе заинтересирани страни за креирање на дополнителна вредност од податоците. Најголема придобивка е дека податоците кои се даваат на располагање се слободни, во смисла дека пристапот до нив не е и не смее да биде на ниту еден начин условен или ограничен, бидејќи се цени дека основата на отворените податоци се ослободување на јавни податоци кои се на граѓаните и нивно е правото за што истите ќе ги користат, и при тоа, државните органи, општините и други иматели на информации не смеат да го ограничат или условат ова право барајќи образложение/оправдание за искористеноста.